Jump to Navigation

Студиска посета во Државната комисија за управни спорови во Вилнус, Литванија

Вилнус, 25 март 2015

Во периодот од 25 до 27 март 2015 година, Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен во соработка со ТАИЕКС оствари студиска посета во Државната комисија за управни спорови во Вилнус, Литванија. Како дел од тимот на студиската посета беа вклучени претседателката Ирена Брзанова, Шериф Мемети и Дарко Доневски - членови на Државната комисија.

Изборот да се посети токму Државната комисија за управни спорови беше фактот што оваа комисија е пандан на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, односно и двете институции се второстепени комисии кои решаваат предмети од областа на управна постапка, а не потпаѓаат под судска власт.

Претставниците на нашиот тим беа срдечно пречекани од страна на Претседателката на Државната комисија за управни спорови г-ѓа Микалчиене Јурате (Mikalčienė Jūratė), членовите на Комисијата и раководните лица на стручната служба.

Со оваа посета нашиот тим имаше можност да се запознае со начинот на водење на управната постапка во држава-членка на Европската унија, во сите негови фази: од приемот на жалбата, преку архивирање и техничка обработка на списите на предметот, до начинот на кој службеното лице ја решава жалбата и од формален и од материјален аспект. На овој начин на нашиот тим му беше овозможено на практичен начин да утврди како функционира case-management системот, но и одблизу да се запознае со функционирањето на сите сектори во институцијата, нивната поврзаност, како и ефикасноста и ефективноста на финалниот аутпут на решени предмети од разни области: социјална политика, образование, наука, култура, внатрешните работи и граѓанскиот сектор, имотно-правни работи, катастар, транспорт и врски, земјоделство, шумарство, водостопанство, ветеринарство, економијата и заштитата на животната средина итн. Со оваа посета беа разменети искуства со компетентни личности кои работат по жалби против решенија во горенаведените области, но и беше извршен увид во видот на одлуките преку примери на добра пракса. На покана на домаќинот, тимот присуствуваше и на една од седниците на Државната комисија за управни спорови, каде директно имаа можност да се запознаат со примената на литванското национално законодавство и правото на Европската унија при решавање на управни спорови.

Со оваа посета нашиот тим се здоби со единствена можност да научи за решавањето во управна постапка во институција на земја членка на ЕУ, функционирањето на прописите, примената на Европското право во одредени правни области во насока на постигнување одредени права на граѓаните пред органите на извршната власт кои решаваат во втор степен, но и да направи споредба на системите во Македонија и Литванија.

На предлог на Државната комисија за управни спорови, нашиот тим оствари повеќе посети и тоа: посета на Врховниот управен суд на Литванија и Управниот суд на Град Вилнус каде што беше остварена средба со претседателите на судовите како и останати судии. Целта на оваа посета беше запознавање со судското решавање на управни спорови во Литванија; посета во Комисијата за работни спорови со цел запознавање со меѓу институционалната соработка во земја членка на Европската унија и пред-судско решавање работни спорови во Литванија; и посета на Администрацијата на Град Вилнус каде што тимот оствари средба со компетентни претставници на Општината.



Слики од настанот



Nastani | by Dr. Radut